Македонија
10. May 2021 - 16:53

Македонија нема да дели награди за примена вакцина, граѓаните имале интерес за имунизација

Наместо 40 годишници, лицата во осмата деценија од животот повторно ќе имаат приоритет за вакцинација против ковид 19. Ако изминатиот период во пунктовите завршувале и млади за вакцина, здравствените власти најавија дека предност ќе им дадат на повозрасните кои се критична категорија и веќе се пријавени на вакцинација.мк.

-Оние граѓани кои се пријавени до 30-ти април, а не се се’ уште вакцинирани, веќе добиле или ќе добијат термин до 15-ти мај . Тоа е според возрасната граница.  Возрасната граница се спушта според бројот на пријавени, некаде се спушта и до 40 години во некои градови каде нема доволно пријавени постари граѓани. Бројката на вакцинирани над 70 години е негде околу 33 проценти. Сега ќе запреме со повикувањето на 40 или 45-годишни, за да од дополнителната бројка на 130 илјади кои аплицирале, ги повикаме постарите од 70 години, бидејќи тоа е ризичната група која сакаме да ја заштитиме“,изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Досега вакцина примиле околу 110 000 граѓани или пет проценти од населението. Надлежните најавија дека денеска стигнуваат 10.000 дози од Фајзер а викендот и 100 000 вакцини од Синофарм донација од кинеската армија. Филипче е задоволен од интересот за вакцинација и смета дека нема потреба од награди по примерот на некои земји од соседството.

-Нема потреба од награди, има интерес за вакцинација, од 30 април досега веќе се пријавиле 130 000 граѓани, интересот е добар, вели Филипче.

Инаку термини за ревакцина во земјата  ќе добијат и лицата кои првата доза ја примиле во странство, но само со Фајзер или Синофарм.

За поголем капацитет за вакцинација Филипче најави дека деновиве ќе проработи регионалниот вакцинален пункт во Струмица а од наредната недела масовна вакцинација ќе има и во Прилеп и Велес.

Сања Димитровска, Сител ТВ