Македонија
8. February 2023 - 16:36

Македонија ја покажа хуманоста на дело - Пунктовите полни со помош

Дел од нив ги загубиле најблиските, дел загубиле пријателите и познаници, но на околу 1.500 километри од своите огништа се обидуваат да му помогнат на сопствениот народ. Околу стотина студенти од Турција кои се образуваат во Скопје деноноќно работат на собирање донации за погодените од разорните земјотреси.

Собираат, распределуваат, диплат и пакуваат иако нивните мисли се постојано кај семејствата во Турција.

Плоштадот Македонија полека станува претесен за донациите кои скопјани им ги носат на турските студенти. Ако се биде во ред, првата помош ќе биде пратена уште денеска.

Иако се многу на број, потребна им е помош во селектирањето и пакувањето, но бидејќи не зборуваат ниту македонски, ниту албански, замолуваат сите оние кои говорат турски јазик да им помогнат. Веќе направиле и список на најпотребните работи.

Но нивната работа би можела да биде залудна и поради царинските процедури нивната помош не стигне до турција.

Затоа амбасадата на Турција ќе објави протокол како граѓаните и иницијаторите на собирање донации ќе можат да им помогнат на погодените турски државјани

Црвениот крст досега собрал 10 милиони денари парична помош. Најголем дел од компании, и македонските граѓани на дело ја покажаа својата хуманост. За само неколку дена собрани се 3.3 милиони денари преку бројот 143 – 400.