Македонија
27. September 2021 - 16:47

Македонија ја има скапата терапија против Ковид-19 но таа е достапна само за лица со сериозни здравствени проблеми и само во првите денови на болеста

Најскапата терапија против ковид 19 ја примиле дваесетина пациенти во Македонија. Моноклоналните антитела кои му помогнаа и на поранешниот американски претседател Доналд Трампа да го победи вирусот, дале позитивен ефект кај заразените и ниту еден од нив не завршил на болничко лекување. Но не можат да ја примат сите и постојат посебни протоколи за нејзино аплицирање – во дневната болница на Инфективна пациентот го следат и пред и по интравенското земање на лекот.

-Не се дава кај тие што развиле тешка клиничка слика, не се дава кај пациенти кои се зависни од кислород. Ова е терапија која се дава по детално иследување кај лица со повеќе хронични заболувања, најчесто кардиолошки, малигни, хематолошки и кои се во првите денови кога ги развиле симптомите, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиника за инфективни болести.

Хематолошки пациенти кои примиле моноклонални антитела веќе го победиле вирусот и продолжуваат со третман на нивната основна болест. Инфектолозите велат од оваа терапија засега има доволно количини а дел од контраиндикациите се алергиски реакции.

 За да не завршат на Инфективна каде во моментот има 130 болни со ковид 19, доктор Стефановиќ им порача на граѓаните да не се опуштаат премногу поради намалувањето на бројот на новозаразени и на  амбулантски прегледи. Вели приказната со вирусот не е завршена бидејќи доаѓа зимски период со затворање во простории.

-Мора да бидеме навистина многу сериозни. Да ги заборавиме политиканството и политиките на денешницата и процесите што следат во кампања да бидат на страна и секој да ги слуша белите мантили и така да се однесува, вели др. Стевановиќ. 

Стевановиќ упати апел до населението за вакцинирање и како што вели без несдоодветни образложенија зошто не, туку слушање на сите аргументи зошто да.