Македонија
14. May 2021 - 19:47

Македонија и Албанија сакаат заедно да почнат преговори

Кога пробив кон ЕУ ако не сега? Македонија и Албанија си ја завршија домашната задача и очекуваат да се исполи ветувањето – преговори со Унијата. Јуни е неповторлива шанса, заклучија министерот Османи и неговиот гостин Зеф Мази - главниот преговарач на Албанија со ЕУ.

Европа тогаш носи уште една одлука. Повторно црвен семафор на европскиот пат за двете земји или зелено светло само за Тирана.

„Не сакаме Албанија да ја држиме како заложник поради нашите проблеми. Или поради проблемите кои со нас ги има една земја членка. Ни Албанија не сака да не држи нас како заложник. Двете земји ги исполнија условите. Воздухот на европската идеја не одржува живи. Ако ова ветување исчезне или не се почитува, ќе излезат алтернативни идеи за регионот, како што се појавуваат во последно време”

За Албанија, проширувањето стана голем внатрешен политички проблем за ЕУ, кој нема да помине без последици.  

„Одложувањето на неодредено време – од март 2020 до јуни. Од јуни во декември, од декември во јуни...го зголемува уморот и го нарушува кредибилитетот. После 4 години интензивна работа, скрининг и по одличните резултати, нормално е да се прашуваме каде понатаму, кога понатаму?”

Потребата од отворањето на преговорите за двете земји и негативните имликации од одложувањето на процесот беа и централни поенти на средбите на Мази со претседателот Пендаровски и со собранискиот спикер Џафери.