Македонија
23. October 2019 - 17:37

Македонија го слави 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Македонските политичари упатија честититки по повод денешниот празник 23 октомври-Ден на  револуционерната борба. Претседателот Пендаровски од својот кабинет порача народот да биде сплотен, без разлика на верска, политичка или било каква припадност.

Нашиот предизвик е да ја направиме Република Северна Македонија просперитетна и почитувана, демократска и модерна. Ни треба сплотеност без разлика на етничка, верска, политичка или каква било припадност. Не смеат да нè обесхрабруваат никакви пречки. Го знаеме својот пат и на тој пат продолжуваме заедно.

Премиерот, пак празникот на граѓаните им го честиташе преку социјалните мрежи. Ја чуваме татковината и македонскиот идентитет, напиша Заев на фејсбук.

Учиме од историјата – чекориме силно и храбро кон иднината и во патриотски дух издигнуваме држава признаена од сите, како што се стремеа и дејците на македонската револуционерна борба.

Честитки преку фејсбук, упати и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој , пак,  цврсто верува дека обновата ќе дојде.

Македонија ја чекаат предизвици, но и подобри времиња. Како никогаш порано судбината на нашата земја е во рацете на нашиот народ, а јас силно и цврсто верувам дека обновата ќе дојде.

Од свое но и од име на пратениците честитки упати и собранискиот спикер.

 Овој државен празник, нека не потсети на секојдневните битки кои ги водиме за градење на силна и успешна држава, држава која на сите ќе им понуди подобар живот и еднакви можности.

Празникот беше одбележан и во Градски Парк. Свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, положија делегации од кабинетот на претседателот, Владата и Собранието, амбасадори, како и претставници од здруженија на граѓани.