Македонија
28. January 2022 - 16:41

Македонците од Бугарија на прием кај Пендаровски

Три македонски здруженија од Бугарија со седум претставници, денеска по првпат на прием кај македонски претседател. 

Средбата на членови на ОМО Илинден и на уште две организации беше одржана на барање на Македонците од Бугарија, а во претседателската вила биле опфатени активностите на овие организации, кои Софија ги негира и одбива да ги регистрира.

“Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. 

Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања”.

Темата за македонското малцинство актуелна и во бугарскиот парламент. Ексминистерот за надворешни работи Митов смета дека со денешната средба Пендаровски го легитимирал ОМО Илинден и со тоа го нарушил Договорот за добрососедство, но за Петков, ова прашање е затворено.

“Темата за македонско малцинство е апсолутно неприфатливо и недопустливо. Оваа бугарска влада не би ја отворила вратата за оваа тема, така што јас немам намера да ја дикутирам. Тука имаме едно тврдо “не”. За тоа кој и каде се среќавал, кои се ОМО Илинден ние знаеме кои се. Ние мислиме дека тие се обидуваат да ја сопнат македонската влада како што можат, но ние нема да потпаднеме на провокации”.

ОМО Илинден е најбројно здружение на македонското малцинство во Бугарија, поднесувач на многу тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права и со редовни позитивни пресуди во нејзина корист.

Официјална Софија не признава малцинства и одбива да ги регистрира, а организацијата е гласна и во барањето на реципроцитет во третманот на малцинствата во двете земји.