Македонија
27. May 2022 - 10:38

Левица: Вработените во градинките априлската плата ќе ја земат во јуни

СОНК и Министерството за труд и социјална политика ги потпишаа измените и дополнувањата на колективниот договор, со кој е регулиран начинот на исплата на платите за време на штрајк и придонесите од плати и согласно овие измени ќе бидат исплатени платите за месец април.

Крајно дискриминирачки е фактот дека Министерството за труд и социјална политика во месец јуни ги носи измените за исплата на платите за месец април.
Ова значи дека наставниците и вработените во градинките немаат земено плата веќе два месеци!

Иако штрајкот во градинките и училиштата започна на 11 април, а веќе на 28 април штрајкот во градинките беше ставен во мирување, со образложение дека тоа е направено во интерес на родителите, наставниците и вработените во градинките сè уште трпат дискриминација, со оглед дека веќе два месеци немаат земено плата.

Дополнително, покачувањето на платата ќе се пролонгира уште три месеци, а цените на сите добра се зголемени уште од почетокот на 2022 година.
​​​​СДС, како анти-работничка партија која направи пустош во транзицијата, продолжува со манипулирање и изживување врз судбината на работниците.

Оваа партија, која во континуитет ги штити интересите на естаблишментот, наместо да ги заштити граѓаните од последиците на силната економска криза, таа дополнително ја отежнува нивната состојба.

 

 ​​​​​​Политичка партија Левица