Бизнис
1. August 2020 - 16:41

Лавина реакции на поскапувањето на струјата - се бара РКЕ итно да ја повлече одлуката

Лавина реакции на социјалните мрежи предизвика одлуката на регулаторот да ја зголеми цената на струјата за во време на економска криза предизвикана од пандемијата.

За даночниот експерт Павле Гацов зголемувањето ќе значи поголеми профити и приходи за енергетските компании, а полош  животен стандард за корисниците.

Намалената потрошувачка на струја како причина за намалувањето на планираните профити за 2020 година е оправдување само за менаџмент кој сака да работи во комформна зона, односно со зголемената цена да ги поврати изгубените приходи, наместо тоа да се прави со намалување на расходите, подобрување на организацијата на работењето, продуктивноста, инвентивноста и сл.   
-Излезот е или во добриот менаџмент и кратење на трошоците или пак да се гази по изгазената патека и на полесниот начин, во користењето на силните позиции и влијанија, преку механизмот на регулирање на цената да се обезбеди профитабилноста без потреси, штедења и отпуштања во компаниите и да се продолжи на ист начин во летаргијата дозволена од регулаторот, вели за Сител даночниот експерт Павле Гацов.

Од конфедерацијата на работодавачи велат поскапувањето може да повлече раст на цените на производите, ќе влијае и на инфлацијата, но и на потрошувачката.

Синдикатите и здруженијата побараа регулаторот веднаш да ја повлече одлука.

Реагираше и поранешниот советник во министертсвото за финансии Бранимир Јовановиќ.

Шпанија за времетраењето на кризава обезбеди гарантиран пристап до струја, вода и гас за сиромашните, дури и ако не плаќале сметки.

Италија ги суспендираше сметките за струја, гас, вода и ѓубре на 2 месеци.

Белгија им даде на домаќинствата до 100 евра за сметки за струја и 75 евра за сметки за гас.

Словенија ја намали цената на струјата за домаќинствата и малите фирми за 20%.

„Македонија ја зголемува цената на струјата за 7,4%, а има највисока сиромаштија и невработеност во Европа“, напиша Јовановиќ на својот фејсбук профил.

Поскапувањето на струјата предизвика и нови партиски препукувања.

Од партијата Левица велат дека оваа ненародна одлука дополнително ќе ги осиромашни граѓаните кои се жртви на погрешните политики на сдс за справување со економските последици од кронавирусот.

Реагираа и од  ВМРО ДПМНЕ. Велат дека покачената струја ќе значи повисоки сметки за 1.000 денари месечно или 12 илјади денари годишно.

Од СДСМ пак обвинија дека во време на ВМРО струјата поскапела за 100 проценти, а евтината тарифа се укина.

За разлика од нив, СДСМ во изминатите 3 години направи сериозни реформи во енергетиката. Се покажа дека реформскиот процес во енергетиката за заштита на потрошувачите, транзицијата на замена на јаглен со сонце-на обновливите извори на енергија и правото на избор се единствениот вистински пат кој гарантира отпорност на енергетскиот сектор и во вакви нови околности, се вели во реакцијата на партијата.

Регулаторна вчера објави раст на цената на струјата  за 7,4 проценти. Новата цена граѓаните ќе ја плаќаат во сметките кои ќе ги добијат во септември и таа ќе важи една година. Од РКЕ посочија дека зголемување е резултат на намалените приходи на компаниите, пред се државните Електрани и МЕПСО поради кризата од Ковид 19.