Македонија
1. October 2020 - 17:00

Он лајн наставата се одвива без користење на најавуваната национална платформа, бојкот во делови на земјата

Давид Гацов, ученик во петто одделение не можеше да го дочека стартот на првиот онлајн час. Наместо на Националната платформа, тој се вклучи преку Мајкрософт тимс. А  на часот му претходеа  половина час технички подготовки.

-Нормално дека ми недостасуваат другарите. Мислам дека ќе биде подобро да е физичко, но во вакви услови, додека е пандемија мораме онлајн за да се не се шири вирусот, вели Давид. 

Сепак, онлајн настава не се одржа во сите училишта. А неизвесно е и дали часовите од далечина ќе почнат и од понеделник.

-Во најголем дел од училиштата во државата е започната онлајн наставата. Во некои училишта се доопремуваат со интернет. Тоа е инфраструктурата за која што зборував дека градоначалниците кои посветено работеа заедно со нас во овие четири недели обезбедија техничка опрема, но сигурна сум дека и другите ќе се доопремат, вели Царовска. 

Во однос на 40.000-те ученици кои немаат опрема за онлјан настава премиерот Заев вели државата е тука за сите и се прават напори секое дете да се чувствува еднакво со останатите.

-Не им е лесно на родителите, а со тоа и на дечињата. Но самиот систем гледа да се организира онака како што може. Сакам да знаете дека постапка за набавка на 40.000 компјутери со сите детали внатре, согласно искуството, трае некаде до април месец. И ова не е лесно.

Од опозицијата велат дека генералната проба во образованието завршила неуспешно, а националната платформа е комплетно нефункционална.

-Не може да биде оправдување што министерот е сменет. Владата, па и најголем дел од министрите се исти, само со сменети ресори. Ако Владата го мислеше барем малку образованието, со ова темпо ќе работеше цело минато полугодие, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Некои училишта низ земјава ја бојкотираа онлјан наставата. Таков е случајот со основното училиште Кирил и Методиј во Македонска Каменица и средното училиште во Дебар. Вчера и кичевскиот градоначалник најави бојкот, барајќи настава со физичко присуство. Тој во писмо до Царовска истакнал дека училиштата во руралните средини ги исполнуваат мерките согласно Протоколот.