Loading Video...
Фудбал
10. September 2021 - 20:01

Квалификации за СП: Шансите за второто место и натаму отворени

Македонската фудбалска репрезентација со само три бода во трите септемвриски средби во квалификациите за следниот Мундијал ги намали шансите за учество во баражот за што е потребно освојување на второто место во групата.  

По настапот на ЕП македонската фудбалска јавност со внимание го очекуваше продолжението на мундијалските квалификации во желба Македонија да се вивне што повисоко на табелата по средбите со Ерменија, Исланд и Романија. 

Интересно беше да се види како нашата репрезентација ќе игра без најдобриот, капитенот Горан Пандев но и под водството на новиот селектор Благоја Милевски кој прифати голем предизвик и го земени успешниот Игор Ангеловски кој му остави 6 бода  по големата победа над Германија.

Милевски на прес конференцијата по дуелот со Романија  изјави дека е задоволен од играта но не и од бодовното салдо. 

Резимето вели дека Германија со трите победи е неприкосновена на врвот, а најмногу во септември профитираше Романија која освои 7 бода и сега е на третото место со бод помалку  од Ерменија која направи голем кикс со Лихтенштајн и бод повеќе од Македонија која е сега четвртопласирана. 

До крајот на квалификациите има уште четири кола.  За нас многу важни ќе бидат дуелите со Германија во Скопје и Ерменија во Ереван.  Според прикажаното реално е да се надеваме на бодови против Лихтенштајн и Исланд.  Факт е дека загубивме неколку важни бодови во овие три меча но дека трката за второто место и натаму е отворена.  Досегашните средби од квалификациите потврдија дека Македонија може да се надигрува со сите противници од групата и тоа треба да се искористи за нови победи и важни победи за остварување на посакуваната цел.