Македонија
12. April 2021 - 16:40

Кризниот штаб предложи владата ќе одлучува за ограничување на цените за лекување во приватните болници

После една година од почетокот на пандемијата Главниот кризен штаб побара Владата со закон да ја ограничи цената за лекување на Ковид пациенти во приватните болници. Болните да плаќаат исто колку што чини пакетот за третман во јавните здравствени установи, односно околу 3000 евра, доколку немаат потреба од респиратор. Овој предлог за измени на законот за здравствена заштита утре ќе се најде на владина седница, информираше министерот за здравство.

- Го слушнавме апелот на граѓаните, сепак е криза, има потреба да се користи тој болнички капацитети“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Изминатиот период граѓаните преку социјалните мрежи постојано објавуваа апели за помош и собираа пари за да го платат лекувањето на нивни блиски со Ковид во приватни болници. Други пак подигаа кредити или продаваа станови.

Минатата недела по средбата со Филипче само една приватна болница одлучи да ги намали цените за 10 проценти.

Во меѓувреме министерот вели дека има тренд на намалување и на новозаболени и на хоспитализирани во Ковид центрите.

- Утрешниот ден ќе биде навистина некаков репер дали тој тренд на намалување на новодијагностицирани што беше и траеше во текот на изминатата недела ќе продолжи, нешто што е многу значајно и во однос на тоа како ќе пристапиме во делот на препорака за натамошните превентивни мерки, така и во делот на планирање на болничките капацитети, рече Филипче.