Македонија
10. May 2021 - 20:06

Кризниот штаб бара полициски час од полноќ, дозвола за настани по протоколи и повеќе деца во градинките

Од среда полициски час од полноќ до 5 наутро, угостителските објекти да работат во отворените делови до 23.30 часот, се отвораат за посетители фитнес центрите, вежбалните и теретаните.  Во затворени простории може да се организираат состаноци и едукативни настани со исполнетост до 30 проценти, но останува забраната за свадби и концерти. Комисијата за заразни болести утринава предложи, а Главниот кризен штаб прифати олабавување на рестриктивните мерки, поради како што објаснуваат намалување на бројот на новозаразени и хоспитализирани со Ковид-19.

Исто така на здравствените работници им се дозволува користење на старите и новите годишни одмори. Се зголемува и капацитетот на градинките, во една група наместо 15 ќе можат да бидат згрижени 20 деца. Според министерката за труд и социјала состојбата во детските установи била добра, во моментот во целата држава имало само 2 заболени деца кои посетувале градинка и 11 вработени. Шасхпаска информираше и дека две третини од воспитувачките и негувателките примиле вакцина.

- Бројките покажуваат дека присуството на децата во градинките се зголемува, и согласно протоколите од 21.480 слободни места 15.400 дечиња веќе се во градинките.Ова, како што посочи министерката, значи дека постои една бројка од шест илјади места кои не се пополнети со деца. Се уште има родители кои чуваат место за своите деца, а не ги испраќаат во градинка, изјави Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Најавеното олабавување на мерките против Ковид -19 утре треба да помине и на Владината седница, а предлогот е да важат до 18 мај, по што ќе се знае дали ќе има дополнително олеснување на рестрикциите.

И понатаму задолжително останува носењето на маските на отворено.