Бизнис
18. March 2018 - 16:15

Кризата со Србија околу увозот на брашно ја предизвикуваат неколку домашни привилегирани увозници

Проблемот со увозот на српското брашно го предизвикуваат неколку фирми увозници. Овие привилегирани компании брашното од српските млинови  директно го носеле во македонските пекари и продавници без да ги чекаат анализите за квалитетот. На тој начин се богателе криминално, заобиколувајќи го законот, тврди Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Станува збор за околу 10 000 тони брашно кои годишно влегувале во земјава.

И министерот за земјоделство вели дека почитувањето на Правилникот не им одговара само на оние  кои не работат според пропишаното. Поединци од земјава праќале дописи во Србија и вештачки го создавале проблемот. Повторно потенцираше дека Правилникот отсега мора да го почитува секој увозник. Брашното ќе се складира и ќе се чекаат анализите.. Договореното во Скопје се спроведува а продолжуваат разговорите за изнаоѓање на трајно системско решение.

Вчера српскиот министер изјави дека до 14 април мора да се изнајде трајно решение.  Во спротивно Србија ќе ги воведе најавуваните  контрамерки. Следната седница на Комитетот меѓу двете земји ќе се одржи во Скопје.

Проблемот со брашното не е единствениот. Неодамна домашните  стопанственици се пожалија дека Србија врши ГМО анализи на македонскиот ориз.