Македонија
9. December 2021 - 10:52

Ковачки: Институциите еден месец молчат за заплена на еден тон дрога на скопскиот аеродром

Застрашувачки е молкот на институциите за скандалот со 1 тон дрога кој бил внесен во државата преку скопскиот аеродром пред еден месец.

Молкот на МВР, Царина и Обвинителство доволно говори дека институциите се обидуваат овој скандал да го заташкаат и прикријат, а причината за тоа е дека има сериозен сомнеж за поврзаност на власта со него.

Обвинителството, МВР и Царина во минатото спектакуларно известуваа за далеку помали случаи, а за овој случај нема речиси ништо.

Замислете, во овој скандал се работи за ЕДЕН ТОН дрога кој влегол преку скопскиот аеродром, бил пропуштен на царина, а за тоа нема апсолутно никаква реакција од надлежните.

Не слушнавме за приведени и за одговорност, а веќе помина цел еден месец.

Институциите не демантираа ниту дека дрогата била натоварена и спроведувана со возила на царината со ротациски светла.

Институциите не демантираа дека царинскиот службеник кој бил директно поврзан со овој скандал ја променил изјавата од тоа дека добил усна наредба да не ја проверува стоката, во тоа – дека не добил наредба.

Институциите не демантираа дека во царина имало вонредни состаноци како да се заташка ваквиот скандал , ниту пак беше демантирано дека биле вршени притисоци врз вработените да молчат.

Молкот говори дека ова е голема афера. Ова само покажува дека во Македонија нема правна држава, нема борба со организираниот криминал на власта, нема слободни правосудни органи и нема владеење на правото.

Во Македонија има спрега на мафијата и на институциите. Затоа Македонија е на 111-то место во борбата против корупцијата во светот и сме последни во Европа.

Да потсетиме, во Македонија за само неколку месеци се случи скандал со доделување на официјални македонски пасоши на странски нарко мафијаши, се случи пробиената акција “Планина“ и се случи скандал со пратка на марихуана во близина на Прилеп во која беа фатени близок човек на семејството Заеви и началник на прилепската полиција.

Ова само говори дека Македонија е претворена во земја во која нарко картелите се директно поврзани со моќници на власта и имаат слобода да прават што сакаат.

Јавноста заслужува одговори и некој мора да понесе одговорност.
Одговорност порано или подоцна ќе има.