Македонија
30. јуни 2022 - 21:04

Ковачевски: Официјалните ставови за францускиот предлог ќе бидат соопштени откако ќе ги помине сите филтри

Вечерва премиерот Димитар Ковачевски на вонредна прес-конференција по одржаната владина седница изјави дека денеска пристигнал францускиот предлог и официјалните ставови ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине сите потребни филтри.

-Сакам да ве информирам дека денес во МНР пристигна предлог од француското претседателство кое се однесува на нашите јасни позиции и ставови во однос на спорот со Бугарија. Предлогот е стигнат по нашата интервенција и реакција во Брисел. Официјалните ставови за предлогот ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции, ќе следи широк консултатитвен процес со владината коалиција а потоа и со претседателот на државата, со парламентот, со опозицијата како и со граѓанскиот сектор. Сакам да ги уверам граѓаните дека ние имаме план и стратегија која очигледно дава резултати, изјави Ковачевски.

Премиерот апелираше до сите политички актери и до медиумите да се воздржат од шпекулации и да се потпираат на официјални информации од институциите.

Ковачевски појасни дека процесот ќе биде транспарентен процес и тие ќе споделат со јавноста релевантни детали по што ќе може да се донесе финална одлука. 

-Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички согласно стратешките интереси на земјата и сите граѓани, рече Ковачевски.