Македонија
5. October 2022 - 16:39

Ковачевски оди во Прага на првата средба на европската политичка заедница

44 европски лидери утре во Прага седнуваат на заедничка маса. Првиот состанок на Европската политичка заедница ќе биде посветен на енергетско-економската криза на целиот континент и можноста да се намали енергетската зависност од Русија. Покрај 27-те земји челнки на состанокот се поканети уште 17 држави меѓу кои и Украина, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Турција, 6-те земји од Западен Балкан, првиот човек на НАТО и шефицата на Европската комисија.

Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Ковачевски, придужуван од министерот за надворешни работи Османи и за земјоделие Николовски.

Еврокомесарот Гир оценува дека одржувањето на овој состанок е добра вест за зајакнување на соработката, но никако за замена за членството во Унијата, особено сега кога Македонија го стартуваше скрининг процесот.

Гир потенцира дека Унијата и сега издвојува фондови за помош на Македонија, но земјава нема да биде оставена сама да се справува ниту со тешката зима која претстои. Можностите за помош ќе се разгледуваат на утрешниот самит.

Евроамбасадорот и денеска со иста порака, по завршувањето на скриниг процесот за една година, Македонија ќе мора да ги исполни ветувањата за внесување на Бугарите во Уставот за да ги отпочне преговорите со Унијата.