Македонија
2. December 2021 - 21:12

Ковачевски: Не ми смета Заев да остане премиер до средување на политичката криза

Постигнат е напредок во преговорите со Алтернатива, но за поделба на ресори се уште не станало збор. Споменуваните имиња за идни министри, се само шпекулација. Ова го откри кандидатот за претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, кој присуствуваше со премиерот Заев во преговорите со лидерот на Алтернатива, Гаши. 

-Ние не сме дојдени на ниво да разговараме за ресори, туку за одговорности. Кога ќе дојде време, оваа недела ќе се сретнеме уште еднаш или два пати, ќе кажеме кои ресори, изјави Димитар Ковачевски, кандидат за престедател на СДСМ.

Ковачевски  се гледа како лидер на партијата, не му пречи премиерот Заев да остaне премиер, се додека не се стабилизира состојбата во државата.

- И при најавата дека се повлекува, премиерот Заев кажа дека ќе остане премиер, додека не се стабилизира или оформи парламентарно мнозинство кое успешно ќе се справува со пандемијата, енергетската криза и ЕУ процесите. Неговото останување не би го врзувал со одреден датум, се додека овие процеси се актуелни, додава Ковачевски.

Неговата програма ја нарече Заедно – со која ќе настојува да ги обедини сите сили, вклучувајќи ги и поранешните членови на партијата, како Максим Димитриевски. Најави освежување на раководни позиции и со нови стручни лица од надвор. 

Покрај Ковачевски, кандидатура до сега официјално поднесоа и Фросина Ременски  и Властимир Алексовски. 

Најава за кандидатура за лидер на СДСМ дојде и од актуелниот директор на ТИРЗ. По професија е економист со познавања во делот на работата со европските пристапни фондови. 

Како лидер на СДСМ себе си се гледа и Миле Зечевиќ, поранешниот шеф на УБК, кој во моментов е советник во кабинетот на премиерот Заев. Зечевиќ долги години е во раководството на партијата, каде извршувал низа партиски и државни функции, меѓу кои и секретар и генерален секретар на Владата. Својата кандидатура има рок да ја поднесе до утре до 16 часот, додека изборот за претседател е закажан за 12- ти декември.