Македонија
18. January 2022 - 16:36

Ковачевски и Петков ги намалија барањата, преговорите продолжуваат по патоказ 4+1

Бугарските пет плус едно барање, од денеска стануваат четири плус едно. Бугарското неприфаќање на краткото име на државава веќе не е на маса и во иднина земјата нема да ја спори неговата употреба.

Петков во Скопје допатува со конкретен потег, за кој двајцата премиери изразија надеж дека е важен исчекор кон подобра иднина во меѓусебните односи.

“Се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија подеднакво како и долгото име. Тоа значи дека Бугарија нема веќе да го кочи краткото име во ниту еден меѓународен документ и за тоа ги известија ОН”

Новите премиери го утврдија и новиот пристап. Ќе се формираат пет работни групи за инфраструктура, економија, образование, култура и евроинтеграции, кои ќе се среќаваат еднаш неделно.

Бугарија останува на истите позиции, но прашањата ќе ги решаваме поинаку, вели Петков.

“Ги потврдивме нашите позиции, но ние двајцата се фокусиравме на надградувачкиот елемент. Овие специфични прашања кои треба да бидат решени ќе ги работиме интензивно како дел од заедничката работа. Тие прашања ќе бидат во сосема нова димензија, бидејќи ќе бидат поставени во контекст на работните групи”

Ковачевски и Петков потрошија малку време во одговорите за најспорните прашања – јазикот и историјата и како тие ќе се решаваат. Она што засега е потврдено е дека историската комисија продолжува со работа без промени во методологијата.

“Во однос на јазикот, ние сме држава која е признаена од Бугарија и која во своето уставно уредување го има македонскиот јазик. Ние веќе имаме потпишано договори со Бугарија во кои билатерални договори се регулира начинот на кој се потпишани, а тоа е согласно со официјалните јазици на државите”

Шефот на бугарската влада, пак, одби да каже како се вика јазикот на државата во која е гостин, но за првпат си дозволи да го употреби нејзиното кратко име. ТОНСКО ПЕТКОВ

“Сакам да кажам многу јасно, дека во Договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот, исто како и во дел од другите документи кои сме ги потпишале. Сакам да потенцирам дека ве почитуваме и дека сме навистина многу горди што бевме првата земја која ја призна независнооста на Северна Македонија”

Немаме време за чекање, сакаме брзи резултати, но ова ќе биде долг процес, заклучија премиерите. Петков најави воспоставување на авионска линија Скопје – Софија за два месеца отсега, а наредните чекори се очекуваат на меѓувладината седница веќе на 25 јануари во Софија.