Македонија
29. September 2020 - 12:52

Корона вирусот силно влијае на битолскиот бизнис

Повеќе од осум месеци битолското стопанство живее без странските купувачи, а нивното отсуство го чувствуваат во голема мера. Грците и дијаспората беа едни од честите клиенти кај стоматолозите, фризерските салони, трговците во битолската чаршија и Широк Сокак.

Сопствениците на угостителски објекти велат дека корона кризата ги научила на две контрадикторни работи.

-Првата работа е тоа што не научи повеќе да ги цениме странците, гастербајтери кои што доаѓаат кај нас и трошат во државата, исто така и нашите соседи од Грција кои што секојдневно беа тука и трошеа пари. Порано можеби малку потценувачки гледавме на нив, сега сфативме колку многу ни значат и странците и Грците, а од друга страна е таа контрадикторност втора што сфативме дека и без нив преживеавме, преживеавме - ама не заработивме. Ние ги отворивме нашите бизниси да заработуваме, а не да преживуваме, вели Димче Ивановски, сопственик на кафуле и фризерски салон.

Ивановски вели дека прометот е само една третина од оној пред кризата.

-Убава помош беа и ваучерите од владата кои што граѓаните кај нас ги трошеа и во фризерските и во угостителските објекти, но сето тоа беше краткотрајно. Почнавме да правиме анализи од ден за ден, порано планиравме годишно, па полугодишно, па квартално сега ни неделно не знаеме што да планираме. Едноставно малку се освестивме и почнавме да живееме од ден за ден, вели Ивановски.

И сопствениците на бутици велат дека прометот е драстично намален,

-Луѓето не купуваат, ги нема оние фамилијарни веселби. Имаме намален промет и со затворањето на границите, ги нема Грците како наши редовни потрошувачи, исто така иселениците ги нема годинава, нема туристи нема движење, како што гледате Широк сокак е празен, тивок, ја нема онаа енегија во луѓето, страшно е што не знаеме до кога ќе бидe вака и до кога ќе трае оваа криза, вели Весна Цветановска, сопственик на бутик.

Велат дека економските мерки на владата го раздвижија стопанството, но неизвесноста која ја предизвикува состојбата со пандемијата во иднина влијае на нивните бизниси.