Македонија
23. February 2020 - 16:45

Корона вирусот се поблиску до Македонија - 10 места со 50 илјади жители во Италија во карантин

Ковид 19 тропа на вратите на Македонија. Опасниот вирус се шири на европскиот континент а најдраматично е во Италија каде веќе има двајца починати и стотина заразени. Италијанската влада од вчера стави во карантин 10 места во северниот дел на земјата каде има околу 50 000 жители. Презедоа драстични мерки со затворање на училиштата, продавниците и јавните објекти во регионите Ломбардија и Венето. Улиците во овие општини се празни а надлежните во Венеција го одложија и познатиот Венецијански карневал. Корона вирусот удри и врз фудбалот и веќе се откажани неколку натпревари на италијансите прволигаши. Премиерот Џузепе Конте најави ангажирање и на војската доколку се зголеми бројот на заразени.

Целта е да се заштити здравјето на италијанскиот народ. Полицијата ќе ја надгледува ситуацијата и полицајците ќе ги спречуваат луѓето да влегуваат и излегуваат од градовите кои се под изолација. Ако биде потребно, ќе реагира и италијанската војска, изјави Џузепе Конте, премиер на Италија.

Во северна Италија работат и живеат илјадници македонски граѓани, но засега од МНР немаат податоци дали амбасадата во Рим контактирала со некој од нив. Поради алармантната ситуација со ширењето на вирусот во Европа, речиси сите земји од регионот преземаат дополнителни мерки за заштита. Црногорците веќе нашле објект кој ќе биде карантин доколку имаат поголем број на заразени. Ситуацијата будно ја следат и Хрватите каде во моментот двајца пациенти сомнителни на корона вирусот се хоспитализирани во болница во Риека.

Во Македонија кинеските инженери кои се вратија во земјата се под здравствен надзор а надлежните очекуваат информации од Јапонија кога ќе се вратат македонските државјани кои се дел од екипажот на крузерот Дајмонд Принцес каде бројката на заразени надмина 600тини. Јапонскиот министер за здравство призна и се извини за пропустот што од бродот пуштиле 23ца патници без да им направат тестирање.

Состојбата е алармантна и во Иран каде расте бројот на починати од корона вирус. Како превентивна мерка кувајтските власти забранија впловување на ирански бродови.

И додека ковид 19 сее страв во целиот свет, кинеските научници најавија вакцина против вирусот кон крајот на април.