Бизнис
30. October 2020 - 21:15

Корона кризата не го намали штедењето во банките

Граѓаните штедат и во услови на криза. Во моментов во банките чуваат над 4,5 милијарди евра, или во просек секој Mакедонец на книшка има по 2.300 евра. Државата гарантира за суми до 30.000 евра. Најголем дел од штедачите имаат под оваа сума, некои и по 10 евра. Но има и такви, скоро 28,500  граѓани кои во банките чуваат над 30 илјади евра, или вкупно  2,2 милијарди евра. Ова значи дека во просек секој од нив има над 76 илјади евра влог, покажуваат податоците од Фондот за осигурување. Растот на депозитите на домаќинствaта и на фирмите е показател дека довербата во банките не е нарушена, вели министерот Бесими. Во исто време пораст бележи и кредитирањето.

- Заклучно со септември вкупните депозити на граѓаните бележат годишен раст од 6,1 отсто, додека вкупните депозити на компаниите бележат годишен раст од 8 отсто. Штедењето во денари е повисоко од девизното штедење, така што учеството на денарските депозити во вкупните депозити, заклучно со 30 септември 2020 година изнесува 52,3 отсто. Ова се добри сигнали дека довербата во банкарскиот систем е на завидно ниво. Позитивното движење кај штедењето е проследено и со раст на кредитирањето. Кредитирањето на граѓаните и фирмите бележи годишен пораст од 7,3  отсто. Притоа,  кредитирањето на населението бележи раст од 9,5  отсто, а на корпоративниот сектор пораст од 5,2 отсто, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.

На Светскиот ден на штедењето, стабилноста на банкарскиот систем не се доведува во прашање и покрај пропаѓањето на Еуростандард банката, велат од Македонската банкарска асоцијација. Порачаа дека не е време за ширење невистини и шпекулации, бидејќи нивна обврска е да се грижат за парите на своите клиенти.

- Се презентираат совети кои не се базираат на факти, туку на т.н. „чаршиски муабети“. Јавноста има право да знае, да биде информирана и да коментира, но тоа да биде аргументирано, стручно и добронамерно. Секое тенденциозно и злонамерно креирање паника е штетно за системот. Инаку оштетените 780 граѓани кои имаа над 30 илјади евра во Еурстандард, денеска повторно протестираа. Незадоволни затоа што власта им го одби предлогот државата да ги обесштети во целост, а потоа парите да си ги добие од стечајната маса. Нивното барање премиерот Заев го оцени како незаконско.