Македонија
1. јуни 2020 - 16:44

Контрадикторни препораки за заштитните маски, СЗО препорачува здрави лица да не ги носат - кај нас задолжителни

Дали маските треба да се носат постојано? Додека во Македонија задолжителна е заштитната опрема кога не може да се држи растојание, Светската здравствена организација денеска препорача здравите луѓе да не носат маски.

-СЗО препрачува маски да се користат во одредени случаи. Доколку имате кашлица, настинка или потешкотии во дишењето треба да носите маска и да побарате лекарска помош. Доколку ги немате овие симптоми не мора да носите маски бидејќи не постојат докази оти тие ги штитат луѓето кои не се болни, вели консултантот за превенција на инфекции во СЗО, Кристин Францис.

Професорот Никола Пановски вели дека овие препораки на СЗО се однесуваат за секаде во светот, но оти властите носат мерки согласно менталитетот и навиките на граѓаните. Вели дека задолжително носење маски би требало да има во критичните места, каде што има најголем број заразени.

-Корисно е да се почитува тоа што го кажува Владата и Комисијата за заразни болести особено кога влегуваме во затворен простор. Секогаш освен во сопствена соба или канцеларија каде што нема други луѓе. Можеби Комисијата ќе донесе одлука дека не треба да се носи маска на отворено без разлика на физичката дистанца бидејќи сознанијата се дека не се шири, а праксата покажува дека кога ќе се соберат младите иако носат маски, ако седат 3-4 часа во парк е илузорно бидејќи 100 пати ќе ја извадат, вели Пановски.

Министерот Филипче, пак, вели дека мерката сите граѓани задолжително да носат маски е добра бидејќи голем дел од носителите на вирусот немаат никакви симтоми.

-Не можеме во овој момент да знаеме, веројатно дека ќе помине додека со сериозни анализи и студии ние видиме кој е процентот на граѓани кои се носители на вирусот, а немаат никакви симптоми. За тоа треба да се прави поширока студија и треба да биде мултицентричен. Никој не може да знае ништо во врска со вирусот за волку кратко време, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Само во последните три дена напишани се над 1.800 казни за непочитување на одлуката за задолжително носење маски.