Бизнис
29. September 2016 - 9:05

Конференција „Справување со корупцијата и заробената држава во Југоисточна Европа“

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и регионалната мрежа Лидерството за развој и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ) денеска и утре во Скопје организираат регионален форум за политики за добро владеење и антикорупција на тема „Справување со корупцијата и заробената држава во Југоисточна Европа“. 

Нивото на притисок од корупција врз граѓаните во земјите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) се намали, во просек до 26% во 2016 година, но во некои земји се уште влијае врз секое второ возрасно лице. Ова е еден од клучните наоди што ќе бидат претставени на Форумот. Истражувањето, според соопштението, покажува дека кај некои земји има намалување на поткупот, додека кај други, дополнително влошување на ситуацијата. Особено загрижувачки, како што се наведува, е трендот на растечката недоверба во институциите, вклучително и проширувањето на ЕУ, бидејќи луѓето веруваат дека владее голема корупција во нивните земји.

На отворањето на конференцијата е најавено обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, раководителот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија Никола Бертолини, додека воведни говори ќе имаат заменик помошникот на државмниот секретар за Европа и Евроазија Александер А. Арвизу и на известувачот за Македонија, член на Европскиот парламент Иво Вајгл. 

Првата сесија е посветена на поттикнување на политичка волја за борба против корупцијата: улогата на државата и граѓанскиот сектор, а ќе зборуваат Емина Нурединоска, Програма на УСАИД за борба против корупцијата, МЦМС, специјалниот јавен обвинител Катица Јанева и поранешниот министер за правда на Бугарија Христо Иванов. 

Втората сесија е посветена на Искуствата на ЕУ и земјите од ЈИЕ во справувањето со корупцијата: Размена на исксутва и лекции за во иднина, додека третата се однесува на Механизми за следење на корупцијата и заробената држава во ЈИЕ. 

Конференцијата ќе продолжи и утре.