Македонија
28. February 2020 - 8:35

Kонечно ќе се реши проблемот со вода за пиење во општина Пустец

Пратеникот во албанскиот парламент од Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски продолжува со напорите за подобрување на условите за живот на Македонците.

Во тие рамки, вчера попладне заедно со градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски, во Тирана остварија работна средба со директорот на Национална агенција за водовод и канализација, Алќи Блако.

-На средбата разговаравме за решавање на проблемот со вода за пиење во селата на општина Пустец. На големо задоволство постигнавме договор, со кој Националната агенција за водовод и канализација на општина Пустец ќе и додели фонд за изработка на проекти за изградба на водоводни мрежи за секое село на општината, кои ќе почнат да се реализраат годнава, изјави Стерјовски за МИА.

Посочува дека конечно ќе биде надминат еден од најгорливите проблеми,водоснабдувањето во општина Пустец, Мала Преспа.

Општината опфаќа девет населени места, со над пет илјади жители.