Бизнис
11. October 2019 - 16:32

Кој манипулира со цената на свинското месо!?

Дали трговците манипулираат со цената на свинското месо? За многу кратко време, килограм од ова месо во месарниците поскапе за 20 до 30%. Мелено свинско чини меѓу 280 и 300 денари за килограм, а кртината достигна над 400 денари.

Земјоделците велат дека свинско има доволно на домашниот пазар и кај нив цената за една година се зголемила за само 5 денари. Во моментов изнесува 105 денари за килограм што значи тие не се тие причина за драстичното зголемување на цената во малопродажба. Нивните очекувања се дека до Нова година цената би требало да остане, но тоа ќе зависи и од движењето на цените на свинското на странските пазари.

Цената на свинското во месарниците почна да расте по најавата на Владата дека воведува мерки за превенција од опасната болест свинска чума. Со тој план е предвиден отстрел на 4000 диви свињи, а треба да бидат заклани околу 18.000 домашни. Семесјтвата кои предвеме ќе ги дадат свињите на колење ќе добијат надомест од државата во висина од 3000 денари по животно.

Засилена е контролата за увоз. Вчера АХВ информираше дека заплениле 21 тон свинско месо од Шпанија заразено со опасниот вирус. Месото не било пуштено во продажба.