Бизнис
23. September 2021 - 21:16

Кој ќе дистрибуира парно греење за скопјани?

Градежната компанија Адора ја купи Топлификација во стечај за 9,3 милиони евра. Со тоа стана сопственик на двете топлани Исток и Запад, Топлификација произведува топлинска енергија, која ја продава на БЕГ дистрибуција, која пак, ги снабдува домаќинствата со парно. Мрежата што ја користи БЕГ за да стигне парното до граѓаните е во сопственост на ПУИГ. Град Скопје, од друга страна пред две години најави дека дистрибуцијата и снабдувањето на домаќинствата со топлинска енергија, ќе ја преземе новоформираното јавно претпријатие. Идејата е наместо Балкан енерџи груп, градот да управува со парното греење. Но, се уште не се добиени потребните лиценци.

Што ќе значи новиот сопственик за граѓаните – од кого ќе добиваат нови сметки и по која цена? Од Регулаторна  велат – нема да има промени во цената, затоа што тие ја одредуваат. Но за компанијата БЕГ, која има концесија на 35 години, ќе значи нов договор, со нови услови за користење од новиот сопственик. Сега ќе треба да седнат двете страни и се договорат - дали ќе остане старата цена за произведената енергија или ќе се бара повисока цена.

За Адора, влезот во енергетскиот сектор е предизвик посебно во време кога цената на гасот руши рекорди, а регулираниот принос на капитал од работењето е на историски најниско ниво. Сепак додаваат дека бизнисот кој е од државно значење заслужува да биде во рацете на домашна компанија.

Инаку, Топлификација е во стечај од 2018 та година, по барање на Битар Холдингс Лимитед, за побарување од 1,1 милион евра. Дали Адора ќе стопансува со Топлификација, ќе зависи од одлуката на Собранието на доверители, закажано за 8 октомври.

20.18