Македонија
29. November 2020 - 21:25

Кој ги контролира пациентите додека чекаат тестирање?

Никој не ги контролира граѓаните кои закажале тестирање за корона вирус, дали до добивање на резултатот седат дома или излегуваат и контактираат со други луѓе. Иако пред еден месец самоизолацијата стана задолжителна и според законските измени за заштита на населението од заразни болести предвидена е казна од 50 евра, овој член од законот во  пракса не се применува. Никој за ова досега не е казнет. Иако дневно се прават и по 3000 тестови, а граѓани со симтоми и по неколку дена чекаат матичните да им закажат термин, се е оставено на совеста на луѓето. Од друга страна пак чести се реакциите на социјалните мрежи дека суспектни на вирусот слободно шетаат надвор и постои опасност да ја шират инфекцијата.

Од МВР велат, за да вршат проверка мора да имаат податоци за лицата кои закажале за ПЦР тест, како и на која адреса ќе престојуваат. Но, очигледно приватните лаборатории и државните пунктови за тестирање вакви информации до МВР не доставуваат.

Полицијата засега ги контролира само оние граѓани кои имаат решение од ДСЗИ за заразени со Ковид-19 како и оние кои имале контакт со нив.

-Решенијата се изготвуваат кога ќе го добиеме списокот на позитивни на дневна основа од ИЈЗ како и контактите од ЦЈЗ, изјави д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Од понеделникот за само 4 дена  биле издадедени дури 7.500 решенија за изолација. Но, нема податоци колку од нив биле во задолжителна самоизолација додека да бидат тестирани, бидејќи овој член од законот важи само на хартија.

Од друга страна, пациенти кои имаат респираторни симптоми, а негативен тест за Ковид, реагираат дека не можат да ја добијат соодветна здравствена услуга бидејќи во Ковид амбулантите прегледувале само позитивни.