Македонија
20. March 2018 - 16:14

Коѕиас го објави нацрт договорот- во игра 5 имиња без превод

Нацрт спогодбата со грчките предлози и агенда за идна соработка е испратен до македонското министерство за надворешни работи, откри ексклузивно шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Тој вели дека предлогот е испратен пред неколку дена.

,,Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идна агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје‘‘, рече Коѕијас за ЕРТ.

Министерствата на двете земји објавија дека Коѕијас во четврток доаѓа во дводневна посета на земјава, и тоа со авион, што ќе слета на преименуваниот аеродром Скопје. По разговорите во четврток и петок за грчката нацрт спогодба, двајцата министри ќе се сретнат со медијаторот Нимиц на 30 март во Виена.

Грчките медиуми објавуваат дека на 20-те страници во предлогот се содржани и 5 имиња, кои коинцидираат со предлозите на медијаторот Нимиц.

Република Северна Македонија, Република Нова Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Македонија (Скопје) се имињата кои се на преговарачката маса.

Според медиумите, најприфатливо решение за двете страни е Горна Македонија, откако Скопје ја отфрли Нова, а Атина Република Македонија (Скопје).

Тоа што е спорно е што Грција бара продавката во новото име да биде слеана во еден збор и непреведена на англиски јазик. Другите поглавја во нацрт спогодбата се однесуваат на опсегот на користење, јазикот, идентитетот, комерцијалната употреба, изведените акроними и кратенки.

Грчката позиција околу овие прашања е позната и повторувана катадневно. Но, претходно Коѕијас изјави дека документот е само драфт верзија, во која свои предлози ќе може да даде и македонската страна, што значи дека секоја од страните ќе мора да попушти од црвените линии за некое од поглавјата.

Медиумите коментираат дека никој не може да предвиди како понатаму ќе се одвиваат преговорите, со оглед на провокативните изјави на Димитров и инсистирањето на Заев дека нема потреба од промени во уставот, што може да води кон негативен резултат.

Воедно се анализира и внатрешната политичка ситуација во двете земји, со коментар дека во Грција не е воопшто сигурно дека евентуалниот договор би можел да помине лесно, поради ставот на коалицискиот партнер,  Панос Каменос кој и вчера изјави дека не прифаќа ниедно решение кое ќе го содржи терминот Македонија, со задолжителни уставни измени.