Македонија
22. September 2021 - 21:16

Ќе станат ли општините пофункционални со нов модел за финансирање?

Не е доволно само да се зголемат приходите на општините, туку потребна е многу поголема контрола врз трошењето на парите. Експертите го поздравуваат владиниот предлог закон со кој на локалната самоуправа ќе и следува поголем процент од персоналниот и данокот на додадена вредност но, сепак сметаат дека општините и натаму во голем процент се зависни од централната власт.

За експертите клучно е општините во што поголема мера да ги собираат сопствените приходи, а парите да се трошат само за продуктивни цели. Сметаат и дека е неопходно да се зајакнат административните капацитети за контрола на финансиското работење на локалната власт, за да не се случи повторно државата да ги покрива долговите на општините.

Експертите сметаат дека е позитивно тоа што постепено ќе се зголемуваат приходите на општините бидејќи од една страна централниот буџет сè уште трпи последици од пандемијата па ова нема драстично да се одрази врз него, а од друга страна Министерството за финансии ќе може да ги зголеми мониторинг капацитетите и да го контролира трошењето на општините.