Македонија
11. May 2021 - 16:37

Ќе се деблокира ли Законот за АРМ?

Министерката за одбрана ја повика опозицијата да ги повлече сите 2000 амандмани на Законот за служба во армијата. Шеќеринска вели дека сега е време ВМРО-ДПМНЕ да покаже дека ја цени армијата, а приоритет им се интересите на државата.

- Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ на законот за служба во Армијата не се должи на интерес да направат подобар закон. Имаа 11 години како власт да ги решат овие проблеми и не ги решија, имаа три години во опозиција да дадат вакви предлози, не ги дадоа. Блокадата се должи исклучиво на нивниот впечаток дека ако се запрат само тогаш можат да печалат политички поени, жал ми е што овојпат решија да печалат политички поени на грбот на припадниците на Армнијата, нагласи Шекеринска.

ВМРО-ДПМНЕ пак вели дека не се откажува од своите забелешки бидејќи законското решение не е добро, ниту во интерес на војниците. Сметаат дека со прифаќање на нивните амандмани, ќе се добие поквалитетен закон.

- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата преку амандмани бара подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Со предлогот на Шекеринска ова не е предвидено и оттука по автоматизам се губи смислата и потребата од бенефициран стаж. Другата суштинска забелешка е да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија, рече Стојаноски.

Измените на законот за армија кои се веќе блезени во собраниска процедура, но закочени од страна на опозицијата, предвидуваат можност војниците да добијат  20.000 евра отпремнина по навршување на 45 години возраст, поволности при пензионирање, како и стипендирање на дефицитарните кадри во Армијата.