Бизнис
21. October 2021 - 19:44

Ќе остане ли Македонија без струја - Пропадна тендерот за РЕК Битола

Ќе остане ли земјава без струја? Државата не успеа да ги обезбеди потребните количини на јаглен. ЕСМ ќе објави нов тендер, но не се знае кога ќе се случи тоа. На повикот за увоз на 1,2 милиони тони јаглен за ТЕЦ Осломеј биле понудени 300 илјади тони и тие се доволни за да работи, но за РЕК Битола биле понудени 165 илјади тони, а за да се активира третиот блок неопходни се 900 илјади тони јаглен. На тендерот се јавиле  фирми  од Косово, Албанија, Турција, Русија, БИХ и три домашни рудници.  

Со оглед на тоа што допрва ќе се објавува нов тендер се отвара прашањето кога потребниот јаглен ќе стигне и дали до тогаш земјава ќе има доволно количини да ги покрие сите потреби, без да се соочи со рестрикции. 

Експертите препорачуваа дека е најдобро да се купи јаглен од Грција, но  фирма од таму не се јави на тендерот.

И додека земјава итно бара да купи, 1,2 милиони тони јаглен, Светска Банка препорачува да се зголемат давачките за јаглерод, за да се користи повеќе зелена енергија.

Инаку увозот на јаглен е засега единствената мерка за справување со енерегтската криза.

Во меѓувреме цената на струјата на светските берзи и натаму расте.  Предупредувањата се дека ни престои тешка зима.  Очекувањата се дека цената ќе се стабилизира дури во втората половина следната година.