Македонија
21. January 2021 - 16:44

Ќе има ли транспарентна собраниска расправа за новата образовна концепција?

Повлекување на најавените реформи во основното образование и итна јавна расправа во Собранието во врска со целиот концепт. Барањето денеска го постави ВМРО ДПМНЕ на собраниската Комисија за образование, обвинувајќи ја министерката Царовска за спроведување на партиски експеримент.

Според пратеничката Ласовска, спојувањето на предметот историја има политичка позадина, а Царовска свесно манипулира со јавноста.

“Како ќе фузирате предмети? Историја, географија, ликовно, музичко, како? Знаете ли вие во колку држави во светот за да бидете нивни државјани мора да ја познавате нивната историја? Финска е една од тие. Учат посебна историја и доколку сакате да имате државјанство мора да ја познавате нивната историја. А ние се што имавме распродадовме и сакаме да допродадеме. Епа не може. Јавна расправа сега и веднаш”

Не бегаме од транспарентен процес, вели Царовска. Уверена во исправноста на новите реформи, вели дека е спремна да одговори на сите прашања и да ги чуе сите забелешки.

“Ние веќе најавивме дека таква средба во Собрание ќе има. Ќе бидат поканети сите засегнати страни, но таа средба нема да биде во Комисијата за образование, туку таму ќе се дискутира за новиот концепт за основно - во Собранието. Таму ќе поканиме и претставници од Владата и од работната група, за да можеме и таму, транспарентно со сите кои поединечно се среќаваме, да можеме заедно да се сретнеме и да одговориме на прашањата”.

Царовска денеска се сретна со група наставници кои го поддржуваат новиот образовен концепт во основното образование. Рекоа дека тој овозможува поголема креативност за нив, упатувајќи една забелешка.

“Би требало да се работи повеќе на учебниците, бидејќи сувопарна е програмата”.

Новиот нацрт концепт за основно образование засега не наидува на широка поддршка од научно образовните установи. Досега своето незадоволство го искажаа Филозофскиот и Педагошкиот факултет, Сенатот на УКИМ, Институт за историја, МАНУ, Институтот за социологија, Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите, како и Македонското биолошко друштво.

Главната забелешка дека новите реформи се носат без јавна и широка дебата на институционална основа и дека се избрзува со крупна промена во образованието, а посебно во чуствителен политички моментум.

Во однос на спојувањето на предметите од различни дисциплини, забелешката е дека тоа е возможно само во претшколска возраст и дека менувањето на еднаш започнат концепт, по кој се одвива наставата за учениците во основно образование е спротивно на светската педагошка пракса.