Македонија
23. January 2022 - 16:36

Ќе има ли и преговори за историјата во Софија?

Средбата на ко-претседавачите со историската комисија во вторник во Софија ќе биде од технички карактер. 

Извори од комисијата за Сител велат дека барем засега историската комисија нема да ја следи динамиката на останатите работни групи кои ќе се среќаваат еднаш месечно, туку нивната агенда и натаму ќе се води според однапред утврдениот распоред на состаноци според кој следната средба историчарите ќе ја остварат на 24 и 25 февруари.

Политичкиот аналитичар Петар Арасовски вели дека и покрај средбата на историчарите, раздвижувањето на дијалогот со Бугарија и на други теми кои се важни за секојдневното функционирање е позитивен чекор напред. Историските прашања и натаму остануваат клучни за европската интеграција на Македонија, но ќе бидат ослободени од притисокот дека се единствена тема за која двете држави преговараат. 

Најавите за средба и на историчарите во вторник во Софија според опозициската партија пак е доказ повеќе дека овие прашања не се, ниту ќе бидат заобиколени. Формирањето на 4-те работни групи според нив е само параван на власта за да го оттргне вниманието на јавноста од она што навистина се преговара. 

На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ требаше да се појави Мицкоски и да каже што зборувал на средбата со Кирил Петков, реагираше владејачката партија.

Дали Мицкоски на бугарскиот премиер Кирил Петков му ги постави прашањата кои ги нарачуваше од медиумите? Што кријат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од средбата со Петков? За што зборувале на таа средба? Граѓаните видоа и претходно на средба на Мицкоски со Бојко Борисов дека тој ги менува ставовите кога се среќава со официјални претставници.  Дали така било и на средбата со Петков, треба да каже самиот Мицкоски, се вели во писменото соопштение на СДСМ. 

Македонија и Бугарија ги прават и последните подготовки за меѓувладината седница во вторник во Софија. Двете земји веќе го утврдија составот на 4-те работни групи за економија, инфраструктура, европска интеграција и образование кои и од двете страни ќе ги предводат министри. 

На седницата во вторник ќе бидат утврдени темите на разговор во следните месеци во кои се очекува да бидат утврдени конкретни чекори за оленување на патното, железничкото и авио поврзувањето помеѓу главните градови.