Македонија
6. October 2022 - 16:32

Ќе има ли амнестија за граѓаните кои треба да лежат затвор за кршење на ковид мерките?

Амнестија за граѓаните кои излегуваа во полициски час и не почитуваа изолација. Ослободување од плаќањето казна или одење во затвор заради прекршување на препораките за заштита од коронавирусот, е предлог на пратеници од власта. Подготвуваат закон за амнестија за кого велат дека целта е да им се помогне на граѓаните кои не можат да ги платат казните, па се соочуваат со затвор.

„Законот е во завршна фаза и наскоро ќе биде предложен на Собранието. Се предвидува да важи за сите граѓани, без разлика на нивната социјална положба“, изјави во телефонски разговор за Сител, пратеничката Снежана Калеска-Ванчева.

Во изминатите две години, илјадници граѓани беа казнети за непочитување на изолација и полициски час. Глобата се движеше од една до неколку илјади евра.. Само во Скопје парична казна заработиле над 1.700 лица.

Досега, на 280 од нив, откако не ја платиле глобата, казната им е заменета со затвор. Во меѓувреме, 205мина веќе и добиле упатeн акт да одат во затвор.

Со законот нема да се амнестираат угостителски објекти и фирми кои не постапувале по препораките за време на пандемијата.

Според информации на Сител, идејата на законот за аменстија, потекнува од Кривичниот суд.