Свет
11. April 2021 - 14:16

Кина разгледува опции за мешање и промена на начинот на примање дози на вакцини

Кинескиот центар за контрола на болести размислува за мешање и промена на начинот на кој се примаат дозите вакцини за коронавирусот со цел да се зголеми нивната ефикасност, пишува Фајненшл тајмс. Тоа е првпат владино тело јавно да разговара за загриженоста во врска со ефикасноста на кинеските вакцини, пишува Фајненшл Тајмс/

Шефот на ЦДЦ, Гао Фу, изјави дека „размислуваат како да се реши проблемот затоа што ефикасноста на постојните вакцини не е голема“. Тој предложи мешање дози на различни вакцини и промена на начинот на аплицирање во однос на бројот и временскиот интервал помеѓу дозите.

За разлика од другите производители на вакцини, кинеските производители не објавија податоци од третата фаза на студијата, што доведе до критики за недостиг на транспарентност во однос на ефективноста на вакцината за различни групи.

Секоја нова стратегија ќе има последици за повеќе од 20 земји на кои Кина им продала вакцини, најмногу преку билатерални договори. Кина досега испорача 40 милиони дози на други земји.

Чиле се соочува со уште еден бран на инфекција со нови видови, и покрај успешната вакцинација со вакцините Синовак. Ефикасноста на единечна доза беше само три проценти, а две дози 56 проценти, пишува ФТ.

Сепак, експертите не го поврзаа последниот бран со стапката на ефикасност на вакцината.

Синофарм тврди дека нивната вакцина има 79 проценти ефикасност, слична на стапката неодамна утврдена со истражувањето за вакцините Астра Зенека.

Експерти од Хонг Конг проценија дека ефикасноста на вакцината Синовак е 50,66 проценти, кај лица на возраст од 18 до 60 години.