Бизнис
22. January 2022 - 16:36

Казни за компаниите кои незаконски влечеа струја

Со глоба од 13 илјади евра пазарен ги казни У Повер и Мист Енерџи, фирмите снабдувачи со струја кои минатата година го доведоа во опасност енергетскиот  систем во земјава. Овие казни се изречени по дописот од РКЕ во кој е наведено дека тие со своето однесување ги прекршиле правилата во законот за енергетика.

-10 илјади евра се изречени за правното и уште по 3.000 евра за одговорното лице. У Повер ја плати казната во рок од 8 дена, бидејќи законот предвидува, ако се плати во тој рок, се плаќа поливина од глобата, така што У Повер уплати 6.500 евра, додека другата фирма Мист Енерџи нема направено уплата во тој рок и против нив е покрената прекршочна постапка до основниот суд, вели  директорка на пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска.

Но, од пазарен потенцираа дека овие глоби, не се врзани со постапките за одземање на нивните лиценци за работа кои ги води РКЕ. И од комисијата потврдија дека тие се уште се во тек и одлука нема, затоа што станува збор за сложен процес кои се одвива по повеќе фази.

Инаку, РКЕ уште во септември ги отвори овие постапки  за овие две фирми со образложение дека тие не успеале навреме да обезбедат струја за своите клиенти.  Поради тоа ги користеле резервите на МЕПСО кои се употребуваат во исклучителни ситуации, со што го довеле во опасност целиот енергетски систем. За состојба до РКЕ тогаш алармираа и од преносниот систем.

Вакви постапки во регуалторната комисија се водат и уште против неколку фирми. 

Од МЕПСО пак за Сител посочија дека долгот на овие две фирми за влечењето на струјата од мрежата, за август и септември е репрограмиран, односно поделен на рати, другите фактури допрва треба да стигнат затоа што МЕПСО ги добива во рок од 45 до 60 дена откако ќе се повлече струјата од системот.

Инаку, од МЕПСО посочија и дека согласно уредбата на Владата, дел од долгот кои го имаат фирмите кон МЕПСО , поради кризата постои можност истиот да се репрограмира и да се плати на рати.

Пробемите на фирмите снабдувачи со струја,  почнаа  на средината на минатата година, кога цената на електричната енергија значително почна да расте. 

Поради поскапувањето дел од нив ги раскинаа договорите со своите клиенти, меѓу кои беа државни инситуции, општини. Потоа тие беа принудени да бараат нови снабдувачи или струја да добиваат од  Универзалниот снабдувач.