Македонија
21. January 2021 - 16:43

Како вакцините од Србија ќе дојдат во Македонија без регистрација?

Вакцините од Србија во земјата ќе стигнат со интервентен увоз без претходна регистрација. Осумте илјади дози ќе им бидат достапни на македонските граѓани по одобрувањето и добивањето на неопходните документи од Фајзер за количините да можат да бидат транспортирани. 

-Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата Фајзер води сметка за буквално сите количини кои ги дистрибуира во земјите, дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји – изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Дали вакцините понудени од нашиот северен сосед ќе стигнат оваа или следната недела засега никој не знае. Српската премиерка укажа дека пречка се бирократските процедури, но и понуди помош на земјата за вработените во ковид центрите.  

-Имаме договор, разговараа премиерот на С. Македонија, Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ. Вучиќ одлучи да им помогне со 8.000 вакцини. Ние помагаме да се регистрираат вакцините „Фајзер“ во Северна Македонија. Им понудивме и лекарите од црвената ковид зона да дојдат во Србија за вакцинација, вели Ана Брнабиќ, премиер на Србија. 

Со интервентен увоз ќе биде и првата количина од 5850 дози директно договорени со Фајзер, но за да добиеме вакцини во следните месеци, мора да има нивна регистрација, за што се неопходни законските измени кои чекаат на усвојување во Собрание. 

Изминатиов период имав средби со пратеници на опозицијата кои во разговор изразија поддршка и конструктивност за измените на Законот, вели Филипче. 

Чекајќи го стартот на имунизација,  фрижидерите се подготвени за складирање на вакцини на ниски температури. Дел од нив се на трансфузиологија сместени во соодветна просторија.

-Во овие три фрижидери на Институтот за трансфузиологија може да бидат складирани околу 200.000 дози.

И додека здравствените власти велат дека се целосно подготвени вклучувајќи ја мобилизираноста и на Агенцијата за лекови и царината, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски со реакција до власта дека и подарени вакцини не можат да се применат. 

-Имено Премиерката на соседна Србија, Брнабиќ кажува дека и покрај тоа што одлучиле да помогнат со 8 илјади вакцини процесот е закочен зошто вакцината не е регистрирана и има отсуство на план за регистрација. Со други зборови, додека светот оди напред, нашата влада го губи времето,пишува Мицкоски.