Македонија
3. јуни 2023 - 16:33

Како се случила трагичната сообраќајна несреќа кај Штип во која загинаа три лица?

По извршениот увид, познати се причините за тешката сообраќајна несреќа што вчера на пладне се случи на автопатот Штип - Миладиновци, во близина на наплатната рампа Кадрифаково, која однесе 3 човечки животи. 

До несреќата дошло кога автомобил „шевролет“ со скопски таблички, во коj се превезувале 5-мина патници од едно семејство кои се враќале од веселба во Кочани, почнал да претекнува возило „тојота“ со кочански таблички во кое се превезувале 2 лица.

„Во моментот на престигнувањето, возачот на „Шевролетот“ загубил контрола врз возилото, па најпрвин удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двата автомобила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубиле три лица од скопскиот автомобил – сопруга, ќерка и мајка на сопругата на возачот. 

Останатите четворица учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди, при што најтешки повреди се констатирани кај сопатникот во кочанското возило“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Првичниот алкотест на возачот на шевролетот бил позитивен, а земени му се и примероци од крв за анализа за утврдување на точниот процент. Тројца од повредените кои беа хоспотализирани на штипска клиничка се пуштени на домашно лекување. 

Повредниот сопатник во тојотата, со скршени ребра и контузии на белите дробови е пренесен на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во Скопје. Состојбата му е стабилна, но ќе биде задржан неколку денови за опсервација.