Македонија
24. February 2020 - 20:24

Како да се осигурате дека имате безбедна плинска боца

Регулатор, гумичка, заштитно капаче и сигурносен вентил се елементите кои секоја плинска боца мора да ги има. За да бидат сигурни потрошувачите дека уредот е атестиран треба да го купат од овластен продавач кој гарантира безбедност. Секоја плинска боца која се користи во домаќинствата има т.н лична карта. Полнење на боцата на бензиски пумпи е строго забрането со закон. Сашо Дамчевски кој со години раководи полнилница за течен нафтен гас ни објасни како граѓаните да бидат сигурни дека употребуваат исправна плинска боца.

Боцата по правило се полни 80 проценти плин  од максималната дозволена килажа. Доколку уредот не е атестиран и се најде во близина на пламен може да предизвика експлозија. Првите симптоми дека нешто се случува со боцата е карактеристичниот мирис кој се шири од внатрешноста или шуштење од истекување на течниот гас.

Плинот е евтин за употреба, па токму затоа се користи во голем број домаќинства. Пожарникарите апелираат, превентивните мерки се неопходни за заштита од експлозии.

Плинските боци се сервисираат на секои 5 години. Боцата никако не смее да се изложува на сонце и не треба да биде поставена до извор на висока температура, секогаш треба да стои исправено и со затворен вентил. Местото каде е поставена плинската боца мора постјано да се проветрува.