Македонија
14. November 2019 - 16:35

Изумот на Петковски за спречување на загадувањето од печките на дрва го предизвика вниманието на ФИТР

Фондот за иновации ги отвори вратите за синот и таткото Петковски кои направија уред што ги собира опасните ПМ честички и другите штетни материи од печките за греење во домаќинствата. Пензионираниот машински инженер на директорот на Фондот му го презентираше изумот кој може да го намали аерозагадувањето.

-Многу е просто. Некој ќе рече лимарска работа, ама е ефикасно. Секоја честичка си има агол на триење и кога се вака поставени тие паѓаат, изјави Митре Петковски, машински инженер.

 -Патентирано ли ви е, праша директорот на Фондот за иновации.

-Да, да патентирано ни е, освоивме медал во Тајван, рече Митре Петковски.

Директорот ги објасни можностите како изумот да добие што поголема примена. Ги повика Петковски да конкурираат на повикот за проекти кои го намалуваат загадувањето на воздухот.

-Мислам дека делот на домаќинствата недостасува и е конкурентен и треба да се аплицира. Наскоро ќе биде објавен повикот. Ние ќе ве исконтактираме. Ние ќе ви помогнеме во аплицирањето, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Деспотовски и Петковски сметаат  дека најдобро е иновацијата да се примени прво како пилот проект во одредена општина.

-Не е лошо во самиот проект да се предвиди прототип, изработка мерења и можеби да се направат количини 50 или 100 и тие да ги пилотираме. Не мора да се наплаќаат. И потоа ќе ги пилитираме во помали средини и врз основа на видливиот резултат кој ќе го покажат таму  одиме во следна фаза. Со заеднички напор општините и градот Скопје да откупат поголеми количини и да ги понудат на граѓаните, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.

И двајцата се согласија дека уредот кој ги собира штетните гасови може да биде корисен и за домаќинствата кои наместо клима инвертори сакаат да продолжат да ги користат печките и за граѓаните да можат да дишат почист воздух.