Македонија
26. October 2021 - 19:52

Изгореа бараките на поранешниот суд за прекршоци, огнот го зафати и соседниот хотел

Целосно изгореа бараките на поранешниот Суд за прекршоци кај Градскиот парк. Загинати и повредени нема, причинета е само материјална штета. Огнот зафати и мал дел од хотелот кој се наоѓа веднаш до бараките. Скопската противпожарна бригада веднаш излезе на терен и тие се фокусираа за да ги спасат хотелот и салат. 

Пожарникарите и денеска имаа проблем да најдат хидранти за да повлечат вода. Командантот Владимир Симоновски рече дека мора да се направи регистар на хидранти за да можат побрзо да интервенираат.

- Во 15:50 добивме дојава за запалена барака во Градски парк или поранешен Суд за прекршоци којшто не работи повеќе од три до четири години. Материјалите кои се на самата барака се лесно запаливи, станува збор за ламперија, преградни ѕидови, шпер плоча, хартија и дополнителни материјали. Напуштена барака, причинители не можеме да утврдиме затоа што самите гледате дека од брзината на пожарот бараката изгоре до крај и не можеме да кажеме дали може да е и од причинителот бездомници кои можеби живеат внатре, причинител стара инсталација која е напуштена, ако дошло до искрење да дојде до палење, изјави командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Први кои го забележеа пожарот се вработените во хотелот. За среќа пожарот зафати и многу мал дел од хотелот. Причинета е само мала материјална штета на еден од апартманите. Од топлината на огнот се стопија и прозорците на салата Партизан, но за среќа во тој момент немало деца кои обично вежбаат.

- Бев внатре во ресторанот, само одеднаш видовме црн дим и пламен. Повикавме одма брза помош, стигнаа луѓето. Меѓу другото, се зафати одеднаш бидејќи ова е стара градба, шеесетите години. Избувна одеднаш така што немаше многу, многу спас. Колку и да гасеа, колку и да фрлаа вода додека не прегори џабе беше се, изјави газдата на угостителскиот објект „Томче Софка“. 

За крај, останува дилема чии се овие објекти. Од Град Скопје велат дека тие му припаѓаат на судот. Од Кривичниот суд велат дека веќе две години тие не стопанисуваат со нив. Оттаму велат дека од бараките била испразнета цела документација, така што во пожарот не се зафатени никакви документи од поранешниот Суд за прекршоци.