Иванов: Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава и федерална држава
Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Годишното обраќање одржано денеска во неговиот кабинет.
- Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во кој се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, истакна претседателот.
Тој потенцираше дека со Охридскиот рамковен договор била отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите, а не само за една заедница.
Недозволиво е, смета македонскиот претседател, некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, како што рече, спротивно на Уставот на Република Македонија.
- Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на Македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара, ниту се преговара, потенцираше македонскиот претседател.
Додаде дека никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.
- Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа е слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е, ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултуетничко, мултирелигиско и мултијазично општество, истакна Иванов.
Осврнувајќи се на изборите и постизборниот период претседателот уште еднаш им честита на граѓаните, истакнувајќи дека со распределбата на своите гласови тие всушност ги принудиле партиите да водат дијалог во институциите, но, не по цена на државните интереси.
- Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување, рече Иванов, додавајќи дека граѓаните најодговорно си го исполниле својот дел од договорот наречен демократија.
Претседателот Иванов истакна дека со ова обраќање ја исполнува својата уставна обврска да информира за прашањата од негова надлежност и дека за обраќањето писмено ќе го извести Собранието на Република Македонија.
Годишното обраќање наместо во Собранието на Република Македонија беше од кабинетот на Иванов, бидејќи новиот собрански состав се уште не е конституиран.
Ново на Сител
-
Осумдесетгодишна жена нападната од својот сосед
-
Кибер експерти на украинското МО ги хакирале серверите на руската Дума и Уставниот суд
-
Сити ги осуди расистичките навреди упатени кон Кајл Вокер
-
Намалена видливост поради магла кај патот Маврово - Маврови Анови и планинските превои Ѓавато и Плетвар
-
Трамп сака крај на војната во Украина и во Појасот Газа
-
Без струја утре дел од општините Центар и Карпош, без вода дел од Центар и Гази Баба
-
Полицијата влезе во Судски совет по наредба на ОЈО
-
Јермак: Украина се уште не е подготвена за преговори со Русија за завршување на војната