Македонија
24. March 2018 - 16:20

Иванов не става потпис на указот за Законот за јазици - како ќе постапи спикерот и службен весник?!

Откако претседателот Ѓорѓе Иванов уште еднаш потврди дека не го потпишува Законот за јазици, а власта инсистира тој сепак да стапи во сила , „топката“ за обајавување се префрла во Службен весник. Службеното гласило ќе треба да одлучи дали ќе го објави законот евентуално со два потписа на Џафери или без потпис на шефот на државата, две опции кои најчесто се споменуваат во јавноста како можни чекори на владејачката коалиција, или пак, ќе го врати Законот бидејќи ја нема потребната форма.

Од „Службен весник“ денеска не беа достапни за да одговорат како би постапиле. Поранешни директори за Сител коментираа дека праксата е различна и ќе зависи од одлуката на актуелниот директор. Тие упатуваа дека имало ситуации кога директори вратиле прописи од разни институции поради технички недоследности. Но, имало и ситуација кога закон со погрешен указ, сепак, бил објавен. Се мисли на Законот за знамиња од 1998 година кој Тито Петковски како собраниски спикер два пати го потпиша поради службено отсуство на Глигоров.

Уставниот суд одлучи дека ваквиот указ е противуставен.

Според „Законот за службен весник“, законите се објавуваат во текстот што го донел доносителот на актот. За објавување на законите и другите прописи на Собранието се грижи генералниот секретар на парламентот. Тoj според законот за службен весник, треба да го даде и евентуланиот налог за објавувањето на законот за употреба на јазиците во службеното гласило.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ евентуалното објавување во Службен весник без потпис на Иванов би било нелегален чин.

- Без потпис на Указ за стапување на сила на законот за јазици, од страна на Претседателот на државата , секое објавување во Службен Весник и негова понатаможна примена ќе биде нелегална. Секој обид да се прескокне потписот на Претседателот на државата, г-нот Ѓорѓе Иванов ќе биде нелегален. Тоа значи дека нелегалната и антиделовничка одлука на Собранието која насила ја донесоа на 14 март не е закон се додека не се попише со Указ од страна на Претседателот на државата и се додека врз основа на тој указ не биде објавена во Службениот Весник.

Законот за јазици со кој се официјализира албанскиот јазик веќе 10-ти ден е во фиоката на Иванов.