Македонија
7. December 2022 - 16:36

Истражување: Над 60 проценти од граѓаните мислат дека државата оди во погрешна насока

Граѓаните не гледаат буквално ниту една позитивна работа, ниту една светла точка, во функционирањето на системот во Македонија, покажува истражувањето на јавната перцепција кое го спроведе Институтот за демократија. Испитаниците без оглед на етникумот се согласуваат дека во земјата владеат корупцијата, непотизмот, клиентелизмот. 63 проценти од нив сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, а само 23 во правилна. На скала 1 до 10, под  5 се речиси сите институции, со најниска оценка за судството, а најмногу имаат поплаки за тоа како функционира здравството.

Граѓаните во ист кош ги ставаат партиите, политичарите и пратениците кои не работат за народот туку за себе. Перцепцијата е дека дури 79 проценти од парламентарците личниот интерес го ставаат пред се. Испитаниците ги споредија партиите со лисици оценувајќи ги како итри лакоми и превртливи. Анкетираните генерално не се против влегувањето на Бугарите во Уставот, но им пречи надворешниот притисок и уцените за уставни промени со преспанскиот и со бугарскиот договор. Најголема болка сепак е иселувањето на младите кои, според испитаниците, бегаат поради безнадежност и немање визија. Студијата беше спроведена со 8 фокус групи, демографски поделени по возраст, род, етничка припадност, место на живеење.