Истрагата за тунелот во Идризово траела два месеци, Спасовски најавува одговорност
МВР два месеци знаеле за тунелот во Идризово и ја зголемиле безбедноста во затворот. Министерот Спасовски вели во моментов се прибираат докази дали и колку од вработените биле вклучени во планот за бегство. За 40 метарскиот подземен тунел се води опсежна истрага со обвинителството, АНБ и управата за санкции.
Затворениците стигнале речиси до половина пат до слобода, на ископот работеле подолго време а според првичните сознанија во сценариото учествувале 8 лица.
Директорот на управата за извршување на санкции деновиве истакна дека само за да се влезе во тунелот биле потребни повеќе од 2 часа, што значи дека на затворениците некој им прогледувал низ прсти да бидат подолго на прошетка.
Тунелот е ископан во затвореното одделение каде што казна одлежуваат затвореници осудени за најтешки кривични дела. Разрешениот директор рече дека ова одделение има 500 осуденици а ги чуваат само 4 полицајци. На негово место сега е поставен пензиониран полициски началник со чин мајор.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар