Македонија
18. May 2021 - 16:55

Интерпелациите добија место на дневниот ред, власта не ги поддржа измените предложени од опозицијата

Двете интерпелации од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Николовски и министерот Маричиќ се вратија на собраниска седница. За нив, согласно агендата на министрите и на парламентот се планира да се расправа кон крајот на наредната недела. Претходно, двете интерпелации беа тргнати од КОВИД седницата за 5 пакет мерки за да се одблокира работата на Собранието, но спикерот Џафери одбиваше да ги стави на нова седница.

Парламентот денеска по подолг период почна нова седница на која се наоѓаат околу 70 точки на дневен ред.  Власта обвинува за нови блокади на закони за кои поради несогласување на опозицијата.

Од опозицијата пак, коментираат дека власта наводната блокада ја користи како изговор за своите неуспеси.

Мнозинството не ги прифати предлозите на опозицијата да се расправа и за нејзините закони за здравствена заштита, за служба во армијата, за задржување на историјата како посебен предмет, и за тутун.

Беше одбиено и барањата на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците да се повлече предлогот Лирим Сулејмани да биде член на Регулаторната комисија за енергетика поради конфликт на интереси како еден од раководителите во ЕВН. Власта го избра Сулејмани за член на ова тело.