Македонија
31. March 2023 - 12:32

Интерактивна едукативна изложба во Струмица

Кои се погрешните информации и манипулации на интернет, како тие се создаваат и како истите се шират од страна на поединци? Одговорите на сите овие прашања ги содржи  изложбата „Стаклена соба - погрешни информации и манипулации на интернет“ која во организација на Делегацијата на ЕУ и Македонскиот институт за медиуми беше отворена во Струмица. Изложбата претставува едукативна инсталација од серија постери, интерактивни апликации и анимации преку кои граѓаните имаат можност да дознаат повеќе за погрешните информации и улогата на интернет-корисниците во нивното ширење.

Како дел од изложбата ќе бидат и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, на кои низ практични вежби и примери ќе бидат опфатени теми поврзани со упатство за детоксикација од податоци и погрешни информации.

Изложбата  Стаклена соба е осмислена и подготвена од германската меѓународна невладина организација „Тактикал тек“ во соработка со повеќе европски партнери, а ко-финансирањето е обезбедено преку Европската Унија. Досега изложбата била поставена во 19 земји низ Европа, а поставката ја посетиле над 30.000 посетители и неколку стотини илјади онлајн.