Македонија
26. September 2021 - 16:30

Има ли заинтересираност за трета доза вакцина?

Од утре стартува аплицирањето трета доза вакцина. По трет пат, само со Фајзер ќе можат да се боцнат возрасните над 60 години, здравствените работници и хронично болните. Станува збор за оние лица кои примиле две дози било која вакцина, но по изминати 6 месеци од втора доза. Ова денеска го потврди министерот за здравство Венко Филипче.

- Граѓаните над 60 години согласно временскиот период после примената втора доза на вакцина ќе добијат порака да се вакцинираат, притоа таа порака ќе биде потсетување во смисла дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата „Борис Трајковски“, во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата, изјави Филипче.

Но доктор Даниловски смета дека таргет групата на граѓани кои ќе примат трета доза треба да се прошири. Според него приоритет треба да имаат просветните работници но и сите граѓани чија професија им наметнува да се во постојан контакт со луѓе. Тој признава и дека нивото на антитела кај вакцинираните со тек на време се намалува.

Даниловски вели и дека престојните избори нема да влијаат на промена на епидемиолошката состојба, затоа што голем дел од граѓаните го прележале вирусот или се вакцинирани. Сепак епидемиолозите апелират партиите да ги почитуваат протоколите за заштита.

Инаку министерот за здравство најави дека скринингот во училиштата треба да почне за две недели.