Loading Video...
Свет
5. јуни 2020 - 16:48

Илјадници луѓе синоќа присуствуваа на комеморацијата на афроамериканецот Џорџ Флојд

Илјадници луѓе синоќа присуствуваа на комеморацијата на афроамериканецот Џорџ Флојд, кој минатиот понеделник беше убиен за време на полициско апсење во Минеаполис.

Познати личности, активисти за граѓански права, политичари, обични граѓани, пријатели и семејството на убиениот Флојд беа меѓу собраните на комеморацијата во капелата на Универзитетот.

Тие му оддадоа почит на Флојд стоејќи во тишина осум минути и 46 секунди, времето колку што офицерот Дерек Шовин го држел коленото на вратот на жртвата.

Градоначалникот на Минеаполис Џејкоб Фреј, на почетокот на комеморацијата, клекна и плачеше крај ковчегот на Џорџ Флојд, чие тело беше положено во златен ковчег.

Свештеникот Ал Шерптон, кој ја водеше молитвата, рече дека САД никогаш не биле „големи“ за афроамериканците и дека државата е на крстосница.

Адвокатот на семејството Флојд, Бенџамин Крамп изјави дека Џорџ Флојд не го уби пандемијата на коронавирусот, туку пандемијата која како што нагласи, многу добро ја знаеме во САД, а тоа е расизмот и дискриминацијата. Комеморацијата во Минеаполис е прва во низата, бидејќи вакви собири ќе бидат одржани во уште во два града во САД.

Во меѓувреме, дессета ноќ по ред продолжија протестите поради смртта на Флојд. Забележани се неколку инциденти во повеќе градови, каде што неколку полицајци биле насилни кон демонтрантите. Во Бафало во сојузната држави Њујорк, двајца полицајци се суспендирани откако на видео се гледа како буткаат на земја и повредуваат 75-годишен човек. Градоначалникот на Бафало нагласи дека е длабоко погоден од инцидентот и дека состојбата на човекот е стабилна.

Во меѓувреме социјалната мрежа Твитер ја продолжи војната со американскиот преетседател, откако од неговиот профил ја тргна видео посветата за Џорџ Флојд. На почетокот од четири минутното видео, се емитуваат фотографии од Флојд и од мирните протести по повод неговата смрт, додека во позадина се слуша гласот на претседателот Трамп кој го изразува своето жалење за трагедијата.

Од Твитер тврдат дека причината за овој потег е непочитување на авторските права.