ИЈЗ: Минатата недела 44 лица по втор пат се заразиле со Ковид-19
Во периодот од 22 ноември до 28 ноември во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на Ковид-19 се тестирани вкупно 18.781 материјали, што е за 5,1 отсто помалку во однос на претходната недела, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Во посочениот период се регистрирани 2.751 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, што е за 6,1 отсто помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 9,5 до 17,5 отсто или просечно 14,3 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.279; 46,5 отсто), со неделна инциденца – 201,7 на 100.000 жители. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово 389,6 на 100.000 жители, се потенцира во Извештајот одбјавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=635, 23,1 отсто), а најмал број е регистриран кај возрасната група до девет години (n=119; 4,3 отсто). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај возрасната група до девет години (+14,4 отсто). Најзабележително е намалувањето кај возрасната група на лица од 10 до 19 години (-10,7 отсто).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.490 (54,2 отсто) лица од женски и 1.261 (45,8 отсто) од машки пол.
Со статус „оздравени“ се стекнале 2.829 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Во текот на мината недела вкупно се пријавени 44 реинфекции, што е за 10,2 отсто помалку во однос на претходната недела.
Пријавени се 98 смртни случаи во 24 градови во текот на изминатата недела, во однос на 91 смртни завршетоци во 21 град во претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (32). Во однос на возраста, најголем број (n=86; 87,8 отсто) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50 до 59 години (шест), од 40 до 49 години (три) и 30 до 39 години (три).
Се забележува намалување на инциденцата во 22 градови во државата во последните 14 дена во споредба со претходните 14 дена, со најзабележително намалување во Пробиштип. Во 10 градови се забележува зголемување на инциденцата во последните 14 дена, додека во Пехчево, Дебар и Демир Капија инциденцата останува непроменета. R0 се движи од 0,66 во Неготино до 2,72 во Дојран, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Ново на Сител
-
Неврохирург со амбиција за промени во општеството | Венко Филипче | Неформално | Sitel Podcast 028
-
Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка
-
Поради одржување предизборни митинзи в сабота и недела изменет режим на сообраќај во Скопје
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација